Последни часови битка за CETA, Белгија сама во борбата!
Белгиските политички лидери ги одложија преговорите за пристапување на земјата кон трговскиот договор меѓу ЕУ и Канада, откако повторно не успеаја да постигнат консензус.
Ова го соопшти министерот за надворешни работи Дидие Рендрс. Разговорите ќе продолжат денеска (27 октомври), а можно е Белгија да побара да не биде вклучена во CETA која ќе дејствува во другите земји од ЕУ.
Федерални и регионални водачи се состанаа вчера во Брисел, за да се обидат да постигнат договор во пресрет на посетата на канадскиот премиер Џастин Трудо. Тоа се случи неколку дена откако премиерот на Белгија Шарл Мишел му соопшти на Доналд Туск дека неговата земја не може да даде согласност за склучување на договорот за слободна трговија меѓу ЕУ и Канада. Причина беше несогласувањето на Валонија, градската влада на Брисел и француската заедница.
Потпишувањето на Сеопфатниот економски и трговски договор (СЕТА) ќе го поврзе единствениот европски пазар од 500 милиони лица со 10-та по големина економија во светот. Според критичарите на договорот тој ги брани претежно големите меѓународни инвеститори и може да им наштети на малите производители.
За да влезе СЕТА во сила, договорот треба да биде одобрен од сите 28 земји членки на ЕУ, по што треба да биде ратификуван и од националните парламенти. Се предвидуваше СЕТА да стане прототип на договорот за слободна трговија меѓу ЕУ и САД (TTIP), но преговорите за него застанаа во септември поради непремостливи несогласувања. Европските фармери веќе изразија несогласување, и стравуваат дека агропромислениот комплекс на САД ќе ги разори, ако отпаднат постоечките трговски ограничувања. Против СЕТА се најавија и голем број антиглобалистки групи.
