Економија, финансии, бизнис

Контакт

Поскапувањето на гасот за Украина ја загрижи ЕУ

Поскапувањето на гасот за Украина ја загрижи ЕУ
По најавите на руски „Газпром“ дека има намера драстично да ја зголеми цената на рускиот гас за Украина, експресно реагираше Европската унија нагласувајќи дека од Москва очекува да го одржи своето ветување за стабилни испораки на гас кон Европа. Еврокомесарот за енергетика Гинтер Етингер денеска итно разговарал со директорот на „Газпром“ Алексеј Милер и го отвориле прашањето за „сигурноста на испораките на рускиот гас за Европа“. Етингер ја нагласил важноста на стабилната испорака на гас за европските економии и додал оти ЕУ очекува Русија да си ги исполни своите обврски на овој план. На разговорите присуствувал и директорот на „Газпром-експорт“ Александр Медведев. Инаку 1 април е датумот на кој по правило секоја година започнува полнењето со гас на подземните складишта во Украина. Во изминатите неколку години тоа е чувствителна тема, бидејќи континуираната испорака на гас за Европа преку Украина зависи од нивото на гас во украинските складишта. Имено, „Газпром“ утврди дека количеството на гас во подземните складишта мора да биде 19 милијарди кубни метри за да се обезбеди непрекинат транзит. Во моментов, во украинските складишта има само 7,2 милијарди кубни метри гас. Заради недостатокот на средства во компанијата „Нафтогас Украина“, која не може да си ги плати доспеаните обврски кон „Газпром“, прашање е колку Украина ќе може да финансира купување гас за подземните складишта. Според пресметките, за дополнување на складиштата на потребното ниво, на Киев ќе му бидат потребни меѓу 3,6 и 4,6 милијарди долари.
Слично

Поврзани вести