Економија, финансии, бизнис

Контакт

Португалската криза ги обедини генерациите

Португалската криза ги обедини генерациите

Португалската Влада планира нови намалувања на пензиите. Истовремено, таа дури и ги распалува судирите меѓу генерациите. Меѓутоа, противењето на мерките за штедење во демонстрациите ги соедини и младите и старите.

Ангелика Канело секој ден доаѓа во Домот за пензионери кој се наоѓа блиску до нејзиниот стан во лисабонската населба Амадора. – Таму играм домино и разговарам со пријателите. Меѓутоа, тука не земам оброци, јадам дома – вели Канело.

Таа со 400 евра месечна пензија мора да плати кирија, храна, телефон и лекови. Се уште не знае дали ќе ја погодат новите мерки за штедење што ги најави владата во Лисабон. – Морам да јадам леб и супа – вели Ангелика Канело.

Пропишани мерки за штедење

Откако португалскиот Уставен суд во април изрече пресуда во која се наведува дека некои делови од владините мерки за штедење се противуставни, Владата бара нови начини со кои сака да го намали кусокот во буџетот. Тројката (ЕУ, ММФ и Европската централна банка) под итно бараат мерки за штедење во кои припаѓа и намалување на пензиите на поранешните државни службеници. Португалската влада издвојува средства за 3,5 милиони пензионери. Меѓутоа, разликите во износот на пензиите се многу високи. Додека половина од вработените во јавниот сектор месечно примаат над 1000 евра, за тоа време 85 отсто обични пензионери месечно добиваат помалку од 500 евра. Премиерот Педро Пасос Коељо предложи воведување на нови мерки за штедење кои ги погодуваат сите пензионери. Меѓутоа, тие мерки се спорни во коалиционата влада. Дали мерките на премиерот ќе бидат спроведено на дело зависи од тоа дали Португалија до крајот на годината ќе може да го намали дефицитот на пет отсто.

Остри демонстрации на населението

Плановите на португалската Влада наидоа на отпор од граѓаните. Пред шест месеци една група пензионери се одлучија да го кренат својот глас и да се спротивстават на мерките за штедење. Витор Фереира е шеф на лисабонската Канцеларија на здружение на пензионери. Тој вели дека му се јавиле илјадници пензионери. – И ние пензионерите сакаме да дадеме свој придонес за завршување на кризата. Меѓутоа, ни пречи што мораме да издвојуваме се повеќе пари – вели тој.

Експертите сметаат дека Фереира е во право. Поранешниот министер за труд Антонио Багао Феликс пресмета дека реалното намалување на пензиите во Португалија во изминатите две години изнесувало од девет до 25 отсто. Здружението на Фереира бара детални реформи на овој систем. Витор Фереира меѓу другото забележува на Владата дека во моменталните дискусии поттикнува судир меѓу генерациите во земјата. Премиерот Пасос Коељо на конгрес на една младинска организација рече дека многу пензионери во Португалија добиваат повеќе пари од што всушност им припаѓаат. Фереира вели дека не е добро што премиерот за старите генерации зборува на конгрес на млади: - Моментално преживуваме една драматична стопанска состојба и невработеноста кај младите е многу висока. Еден одговорен политичар таа тема не смее да ја поврзува со реформата на пензискиот систем, како што тоа го направи премиерот.

Тежок живот без помош на семејството

Во европските кризни земји: Португалија, Шпанија или Грција семејството е важна позадина на младите генерации. Солидарноста на младите, невработените и пензионираните родители е причина зошто во Португалија, без оглед на стопанската криза, сиромаштијата не е во пораст. Лисабонското социјално здружение Цаис оцени дека бројот на Португалците на граница на сиромаштија без поддршка на семејството и пријателите, од 24 се зголеми на 35 отсто.

34-годишниот невработен историчар Тиагао Пеиксото, се уште живее со мајка си. – Се помагаме взаемно. Секако дека и мојата мајка страда поради кризата. Секако дека би сакал да водам сопствен живот, да бидам независен и да имам свој стан. Меѓутоа, моментално тоа е невозможно. Поради тоа живееме заедно и тоа без големи проблеми.

Пеиксото е активист во едно граѓанско здружение, кое се залага за права на млади Португалци. Тој заедно со други младински движења ги поддржува протестите на пензионерите. Тоа е знак дека протестите против владината политика за мерките за штедење, уште повеќе ги обединува генерациите.

Слично

Поврзани вести