Португалија планира да го направи пристаништето Синес гасен центар - владата еуфорична, експертите скептични
Португалската влада има големи планови за пристаништето Синес, велат половина Европа би можела да се снабдува со течен гас. Но, експертите не делат толку голем оптимизам.
Синес е пристаниште на брегот на Атлантикот океан, јужно од Лисабон, има што да и понуди на земјата и на светот. Овој град има пристаниште, песочни плажи и сеќавање на познатиот морнар Васко де Гама, кој е роден таму во 1469 година и кој го открил морскиот пат до Индија.
Наскоро Синес би можел да им стане познат на речиси сите во Европа, бидејќи тамошното пристаниште веќе има еден терминал за прием на течен гас (LNG). Според португалската влада, градот ќе биде европски центар за гас, но и за информатичка технологија и зелен водород. Бидејќи снабдувањето со руски природен гас преку Украина е во ризик, поради војната, владата во Лисабон сака да ги снабдува земјите од централна Европа со американски течен гас.
- На Германија и треба гас. Пристаништето Синес може да помогне - изјави неодамна премиерот Антонио Коста.
Идејата е течниот гас да се претоварува од големи танкери на помали бродови, кои потоа би се транспортирале во Германија или Полска. Исто така има најави, во Синес да се изгради уште еден терминал за течен гас, кој потоа преку гасовод би можел да се транспортира во Централна Европа.
И трето, бидејќи течниот гас е само привремено решение, подоцна зелениот водород би можел да тече низ гасоводот, кој би можел да се произведува во Португалија.
- Португалија има уникатни услови да стане платформа за снабдување на Европа со енергија - воодушевено рече шефот на владата, пренесува „РТС.рс“.
Според експертот за енергија Хорхе Васконселос, тоа не е лесно. На симпозиумот за иднината на Синес тој повика внимателно да се разгледаат сите опции за да се избегнат скапи и залудни инвестиции. Само проширувањето на гасниот терминал би чинело околу 30 милиони евра и би траело најмалку две години.
Франциско Фереира од еколошката организација Зеро наведува дека ова е периодот во кој Германија на пример веќе планира да има свои терминали за гас. Тој се сомнева дека претоварувањето на помали бродови би било економично.
Дури и да се удвои капацитетот на гасниот терминал во Синес, Фереира се прашува како гасот ќе стигне до централна Европа? Изградбата на гасовод низ Пиринеите би била скапа и долга.
