Португалија го уапси рабинот кој му дал португалски пасош на Абрамович да стане граѓанин на ЕУ
Рабинот Даниел Литвак, кој ја предводи еврејската заедница во Порто, е приведен поради истрага за тоа како рускиот милијардер Роман Абрамович се здобил со португалско државјанство.
Португалските власти од јануари ја истражуваат натурализацијата на Абрамович, јавува Би-Би-Си.
Во 2021 година, тој доби португалско државјанство врз основа на потврда од рабин дека е потомок на сефардските Евреи протерани од Шпанија и Португалија од страна на инквизицијата.
Со португалско државјанство, Роман Абрамович доби и право да живее во секоја од 27-те земји на ЕУ.
Локалниот весник Публико пишува дека рабинот бил приведен кога требало да одлета за Израел. Обвинителството соопшти дека притворот е поврзан со корупција, фалсификување и перење пари. На рабинот денеска ќе му се суди.
Еврејската заедница во Порто реагираше со соопштение во кое категорично ги отфрла сомнежите за неправилности и истрагата ја нарекува дел од клеветничка кампања.
Пред само неколку дена Роман Абрамович се најде под европски и американски санкции, па дури и го објави на продажба британскиот фудбалски тим Челзи.
