Порошенко: Само доставување на оружје ќе обезбеди мир во Украина
Поранешниот украински претседател Петро Порошенко апелираше до меѓународната заедница да и обезбеди повеќе оружје на неговата земја и да продолжи со санкциите против Русија поради нејзината инвазија на Украина.
„Најкраткиот пат до мирот е да испорачаме оружје на Украина. Јас и кажувам на меѓународната заедница дека ни требаат три работи: оружје, оружје, оружје“, изјави Порошенко за Ал Џезира.
Поранешниот лидер, исто така, ја повика меѓународната заедница да продолжи да воведува санкции кон Русија, да воведе ембарго на производите на земјата и да го затвори украинскиот воздушен простор за да ги заштити цивилите.
Тој додаде дека Западот треба „целосно да ги изолира“ Русија и претседателот Владимир Путин за да изврши притисок врз Москва да стави крај на оваа војна.
Порошенко (56), кој беше претседател од 2014 до 2019 година, беше под истрага за тешко предавство во декември минатата година и тогаш ја напушти Украина.
Тој беше под истрага како дел од случајот што тој тврди дека го направиле сојузниците на неговиот наследник, претседателот Володимир Зеленски.
Порошенко беше под истрага за неговата поврзаност со финансирањето на сепаратистичките борци поддржани од Русија, со помош на нелегална продажба на јаглен во 2014 и 2015 година.
Нему му се заканува затворска казна до 15 години доколку биде осуден, а неговата партија го обвинува Зеленски дека се обидел да ги замолчи своите противници.
Како еден од најбогатите луѓе во земјата, Порошенко се врати во Киев во јануари, по едномесечно отсуство, ветувајќи дека оттогаш ќе и помогне на Украина да се одбрани од можна руска инвазија.
Украински судија го одби барањето на обвинителот да биде приведен и му одреди кауција од 35 милиони долари.
