Порошенко предлага поголема автономија за источните области
Претседателот на Украина, Петар Порошенко вети дека веќе следната недела ќе предложи парламентарно усвојување на закони кои даваат поголема автономија на бунтовничките региони на прорускиот исток од земјата, каде сепаратистите се бореа против владините сили речиси пет месеци.
Порошенко ова го објави денеска на состанокот на владата, кога ветил дека ќе се промени статусот на тие области, но ја отфрлил федерализацијата на земјата или „отуѓување“ на тие делови од украинската држава.
Украина, Русија и проруските бунтовници во петокот потпишаа спогодба за примирје во таа област после петмесечните борби во кои загинаа најмалку 3000 цивили. Со ова се создава основа за преговори за траен мир.
Понудата на Порошенко веројатно нема да ги задоволи сепаратистите, оценува агенцијата АП и наведува дека многумина од нив може да бараат федерализација на земјата или целосна независност од Украина.
