Порошенко го напушти Давос поради влошување на ситуацијата во Источна Украина
Претседателот на Украина, Петро Порошенко, го напушти форумот во Давос и денес ќе отпатува во Украина поради „влошената ситуација“ на истокот во земјата.
„Началникот на Генералштабот и министер за одбрана штотуку го известил за ситуацијата во близина на аеродромот во Донецк“, напишал портпаролот Чеголко на својот фејсбук профил.
„Поради влошување на ситуацијата претседателот одлучи да го скрати својот престој во Швајцарија и веднаш ќе се врати во Украина“, напишал неговиот портпарол.
И украинските сили и проруските бунтовници тврдат дека ја имаат контролата над аеродромот во Донецк.
Воениот портпарол во Киев, Андреј Лисенко, изјавил дека во близина на аеродромот се случуваат жестоки борби, како и дека „украинските единици цврсто ја држат одбраната, нанесувајќи им на екстремистите тешки загуби во жива сила и техника“.
„Операцијата продолжува“, додал Лисенко.
Агенциите претходно јавија дека утринава во близина на аеродромот украински командоси поради густата магла го погрешиле курсот и паднале во рацете на проруските сили, при тоа голем број од нив биле убиени а еден дел заробени.
Силите за самоодбрана на Донецката Народна Република тврдат дека само за 24 часа во борбите околу Донецк украинската војска загубила 40 припадници како и дека за време на гранатирањето на градот загинале тројца цивили, а биле повредени осум лица.
Слично
