Поранешниот сопруг на Џил Бајден уапсен за убиство
Маж од американската држава Делавер е уапсен и обвинет за убиство од прв степен во врска со смртта на неговата сопруга, Линда Стивенсон, објави NBC News, повикувајќи се на официјални лица.
Тоа е Вилијам Стивенсон, поранешен сопруг на поранешната прва дама Џил Бајден. Според обвинението поднесено во Делавер, Стивенсон е обвинет за убиство од прв степен по, како што соопшти полицијата, „обемна истрага што траела неколку недели“.
Стивенсон моментално е задржан во Поправниот дом Хауард Јанг. Полицијата во округот Њу Касл не објави детали за околностите на смртта на Линда Стивенсон, ниту пак наведе причина за смртта во извештајот за апсење.
Според NBC News, на 28 декември, полицијата одговорила на пријава за семеен спор во куќа во областа Вилмингтон. Во таа прилика, Линда Стивенсон била пронајдена во несвест во дневната соба, а обидите за реанимација биле неуспешни. Телото потоа било префрлено во Канцеларијата на судскиот испитувач во Делавер, каде што била извршена обдукција.
Вилијам Стивенсон е познат и на пошироката јавност по неговиот брак со Џил Бајден, со која се оженил во февруари 1970 година, кога таа имала 18 години и студентка на Универзитетот во Делавер, додека тој имал 23 години. Бракот траел пет години и завршил со граѓански развод во мај 1975 година.
Во меѓувреме, Џил Бајден го запознала тогашниот сенатор Џо Бајден од Делавер во март истата година, со кого се омажила на 17 јуни 1977 година.
Во текот на 1970-тите, Стивенсон бил сопственик и на музичкиот клуб „Стоун Балоун“ во Њуарк, во близина на кампусот на Универзитетот во Делавер, каде што настапувале познати американски музичари и бендови, меѓу кои Брус Спрингстин и Дејв Метјуз.