Поранешен шпион на КГБ го предупреди Путин дека во Будимпешта ќе му се случи атентат
Рускиот претседател Владимир Путин доби драматично предупредување за наводна „британска завера за атентат“ што му се подготвува доколку отпатува во Унгарија на состанок со американскиот колега Доналд Трамп. Предупредувањето доаѓа од Андреј Безруков, полковник на руската надворешна разузнавачка служба (СВР) и поранешен таен агент кој со години дејствувал во САД.
Тој повика очекуваниот состанок со Трамп итно да се премести во Дубаи за да се избегне, како што тврди, „апсолутно предавничка операција“ која ја подготвуваат Британците.
„Имам многу, многу сериозни грижи околу Будимпешта“, изјави Безруков, чиј таен идентитет беше разоткриен во 2010 година, кога ФБИ ја приведе руската шпионка Ана Чапман. И двајцата беа дел од голема размена на шпиони истата година, што вклучуваше размена на десет руски агенти за четири лица кои во Русија издржуваа казна за шпионажа за Западот.
Според Безруков, „целиот менталитет“ на Британците е структуриран на таков начин што, ако Путин не постои, тогаш нема проблеми...
„Прво, Русија ќе се распадне“, изјави тој во гостување на руската државна телевизија.
Тој додаде дека владејачката класа во Лондон „разбира дека Британија наскоро може да престане да постои“.
„Во суштина, елитата во неа, која беше многу, многу организирана банда, сега ја губи својата моќ, не затоа што лошо работи, туку затоа што самата земја драстично се менува, се растопува“, рече тој.
Сепак, тој не понуди докази за тврдењата. Во унгарската престолнина треба да се разговара за мир во Украина.
foto EPA/ALEXANDER KAZAKOV/SPUTNIK/KREMLIN POOL MANDATORY CREDIT
