Поранешен претседател на ОН е обвинет за корупција
Американските власти го обвинија денес поранешниот претседател на ОН, градежен претприемач милијардер од Макао и уште четири лица за учество во сеопфатна корупциска шема.
Џон Вилијам Еш, поранешен постојан претставник во ОН од Антигва и Барбуда, кој претседаваше со Генералното собрание во периодот 2013-2014 година, е обвинет по обвинение поднесено во федералниот суд во Њујорк, за примање поткуп во износ од над 1, 3 милиони долари од кинеските бизнисмени.
Генералниот секретар на ОН, Бан Ки-мун изјавил дека е шокиран од тврдењата. Портпаролот Стефан Дожарик изјавил дека Секретаријатот на ОН дознал за обвинувањата од страна на печатот и ветил дека ќе соработува со американските власти, ако биде контактиран од нив.
Асошиетед прес објави дека Еш е уапсен денеска. Тоа се случило во неговиот дом, наведува ТАСС, повикувајќи се на Асошиетед прес. Според документите предадени на федералниот суд, дипломатот е обвинет дека добил над 500 илјади долари од кинескиот претприемач Нглеп Сен и од други бизнисмени во замена за ветување дека ќе придонесе за градење на конференциски центар на ОН во Макао.
Според тужбата Еш им ги „предал документите на генералниот секретар на ОН, во кој се изложува привидна потреба од изградба на конференциски центар во Макао“. Во прилог на тоа, тој имал добиено над 800 илјади долари од „различни кинески бизнисмени“ кои наводно, биле поделени со високи функционери во Антигва и Барбуда, вклучувајќи го и премиерот на земјата. Во периодот 25-26 август дипломатот во својство на претседател на Генералното собрание на ОН учествувал на конференција во Кина, за што според американските власти исто така добил поткуп.
Дожарик истакнал дека Бан не учествувал во конференцијата, со што се ограничил само со поздравно слово до учесниците. Портпаролот истакнал дека не знае за каков документ се повикува обвинителството на САД . „Не можевме да го најдеме овој документ. Денес наутро проверивме, но не најдовме никаква официјална кореспонденција по прашањето за Макао. Ако има таков документ, би сакале да се запознаеме со него, но не го најдовме“, истакна Дожарик. Тој исто така изјавил дека обвиненијата против Еш удираат по угледот на ОН.
