Поради Сноуден авионот на претседателот Моралес принудно слета во Виена
Остра критика испрати Боливија кон европските земји откако на авионот со кој претседателот Ево Моралес се враќал од Москва, не му бил дозволен влез во францускиот и португалскиот воздушен простор поради сомневање дека во авионот е и Едвард Сноуден.
Потпретседателот Алваро Гарсија Линера изјави во Ла Паз дека Моралес бил заложник на империјализмот и оти е јасно дека Соединетите Држави го наредиле неговото задржување.
Авионот на Моралес бил принудно пренасочен во Виена, каде што било утврдено дека во него не е Сноуден.
Министерот за надворешни работи на Боливија Давид Чокуехуанка тврди - во авионот на претседателот Ево Моралес кој престојуваше во посета на Русија, не е поранешниот соработник на американското разузнавање Едвард Сноуден и не знае кој ја смислил оваа лага.
„Не постои можност во авионот да има дополнителни патници, освен оние коишто се регистрирани за летот“, изјави шефот на боливиската дипломатија, пренесе „Дојче Веле“.
Според Чокуехуанка, со таквите дејствија властите на споменатите држави ги ставиле во опасност животот на претседателот Ево Моралес и на екипажот на авионот.
Претходно во вторникот, боливискиот претседател Ево Моралес за руската телевизија РТ изјави дека е подготвен да го разгледа барање за давање политички азил на поранешниот советник и соработник на американските разузнавачки служби Едвард Сноуден.
Во Москва вчера Моралес и рускиот претседател Владимир Путин разговараа за изгледите за продлабочување на соработката меѓу двете земји, а истиот ден боливискиот претседател полета за татковината.
