Поради климатските промени ќе поскапуваат авионските билети
Климатските промени ќе доведат до понемирни летови предизвикани од зголемените меѓувоздушни турбуленции, пишува весникот Гардијан потпирајќи се на анализата на научници за влијанието од глобалното загревање врз климатскиот систем за следните четири децении.
Немирниот лет се приклучува на другите неочекувани влијанија од климатските промени, што ќе предизвика ослабнат сигнал за безжичните уреди и мобилните телефони, па дури и побавно време за атлетичарите во маратонските трки.
Според Пол Вилијамс од Универзитетот во Рединг, кој го предводеше новото истражување, воздушните турбуленции прават многу повеќе отколку само прекин во служењето пијалоци на летовите.
„Тоа секоја година може да повреди стотици патници и авионски екипажи. Тоа исто така предизвикува одложувања на летови и оштетува авиони, а тоа државата ќе ја чини повеќе од 100 милиони фунти секоја година,“вели Вилијамс за Гардијан.Истражувањето кое користеше исти модели на турбуленции како и оние кои секојдневно ги користат контролорите на летање, откри дека фреквенцијата на турбуленциите на многу летови помеѓу Европа и Северна Америка, ќе се удвојат до 2050, а нивниот интензитет ќе порасне за 10 до 40 проценти.
„Пренасочувањето на летовите за да се избегнат посилните делови од турбуленциите, може да доведе до зголемување на потрошуачката на гориво и емисијиите на јаглерод диоксид, доцнењата на аеродромите да станат почести, и дефинитивно ќе ја зголемат цената на авионските билети“, истакнува Вилијамс.
