ПОМИЛУВАН ПОРАНЕШНИОТ ДИРЕКТОР НА САМСУНГ, ќе ја спасува економијата на Јужна Кореја
Јужнокорејскиот претседател Јун Сук-Јол го помилува поранешниот потпретседател на Самсунг Електроникс, Ли Јае Јонг за да помогне во надминување на „националната економска криза“, соопшти денеска јужнокорејското Министерство за правда, пренесува агенцијата Танјуг, повикувајќи се на Ројтерс.
Помилувањето е главно симболично, бидејќи Ли веќе е на условна слобода откако одлежа 18 месеци затвор за нудење мито додека беше на чело на најголемиот светски производител на паметни телефони и мемориски чипови.
Министерот за правда Хан Донг-Хун рече, откако Шин Донг-бин, претседател на Лоте Груп, петтиот по големина бизнис конгломерат во Јужна Кореја, исто така беше помилуван, дека владата, поради итна потреба да се надмине националната економска криза, „ внимателно избрани економски лидери за помилувања кои го водат моторот за раст на нацијата преку активно инвестирање во технологија и создавање работни места“, објави Ројтерс, пренесува „Ал џезеира“.
Да потсетиме, наследникот на деловната империја Самсунг, Ли Јае Јонг, беше осуден на затворска казна на повторното судење за корупција во јануари 2021 година.
Високиот суд во Сеул го осуди Ли, формално потпретседател на Samsung Electronics, најголемиот светски производител на паметни телефони и компјутерски чипови, на 2,5 години затвор.
Ли ја води компанијата неколку години откако неговиот татко доживеа срцев удар и последователно почина во октомври 2020 година.
Во позадина на случајот е корупцискиот скандал во кој е вмешана поранешната претседателка на Јужна Кореја Парк Геун Хје, а Ли беше прогласен за виновен за проневера и поткуп.
Тој „активно давал мито и индиректно барал од претседателот да ги искористи своите овластувања за да обезбеди непречен трансфер на власта на чело на деловниот конгломерат“, напиша судот во пресудата.
Фото: EPA/ KIM MIN-HEE/POOL