Полска веќе испрати писма до Будимпешта за екстрадиција на двајцата политичари
Полска веќе испрати две писма до Будимпешта во кои бара екстрадиција на пребеганите политичари.
Само два дена по победата на Петер Маѓар, полскиот министер за правда повторно бара одговори од Унгарија што ќе прави со бегалците Збигњев Зиобро и Марчин Романовски.
Полскиот министер за правда им се обрати на унгарските власти со нови писма откако со месеци не добија суштински одговор во случајот со двајца полски политичари кои се кријат во Унгарија, објави унгарскиот неделник ХВГ.
Министерот за правда и генерален обвинител, Валдемар Журек, во вторникот испрати две писма до Будимпешта. Во писмата, тој првенствено бара одговори за тоа што се случило со европската потерница издадена против поранешниот полски државен секретар за правда Марчин Романовски и дали нему и на поранешниот министер за правда, Збигњев Зиобро, навистина им е даден азил во Унгарија.
Полската страна претходно ги контактираше унгарските власти, но одговорот добиен на 30 март беше опишан како „недоволен“.
Полското обвинителство пак го отвори случајот два дена откако Петер Маѓар, претседателот на партијата Тиса, победи со двотретинско мнозинство на изборите.
Новоизбраниот премиер претходно неколку пати зборуваше за поранешните полски политичари кои избегаа во Унгарија. На неговата меѓународна прес-конференција во понеделникот, тој потврди дека Унгарија не може да биде „скривалиште за меѓународно барани криминалци“, споменувајќи го притоа и македонскиот екс премиер Никола Груевски, и вети дека во иднина ќе обезбедат соработка според меѓународното право, што значи дека ќе ги екстрадираат оние кои се гонат во други земји.
Македонија издаде меѓународна потерница за Груевски кој доби политички азил во Унгарија. Барањето за екстрадиција беше испратено во 2018 година веднаш по бегството на Груевски, но унгарските власти го отфрлија.
foto printskrin youtube
