Економија, финансии, бизнис

Контакт

Полска ja тресе владина криза, летаат оставки

Полска ja тресе владина криза, летаат оставки

Министерот за финансии на Полска Влоджимеж Карпински, министерот на здравство Бартоли Арлукович и за спорт Анджеј Берн, како и претседателот на полскиот парламент Радослав Шикорски, поднесоа оставки.

Ова го соопшти денеска полскиот премиер Ева Копач, цитирана од светските агенции.

Ова се случи откако денеска во јавноста се појавија нови информации за истрагата на скандалот со прислушување на високи владини претставници од пред една година. Информацијата беше објавена прва од списание „Wprost“ уште пред повеќе од една година. И четворицата политичари се вмешани во овој скандал со прислушувањето. Така неколку месеци пред парламентарните избори тие станаа товар за Копач.

Во „Wprost“ се појавија првите извадоци од прислушувани разговори на министри и членови на партијата и бизнисмени во ресторан во Варшава. Станува збор за материјал од над 900 часа од 2013 и 2014 година, а во разговорите високи политичари се искажуваат делумно вулгарно и договараат тајни договори.

Копач изјави денеска дека е потребен нов главен обвинител, кој ќе ја преземе работата со истрагата за протечените во 2014 година аудиозаписи со лични разговори на високи владини лица во два Варшавски ресторанти.

Тогашниот министер за надворешни работи Радослав Шикорски беше прислушуван дека се шегува соСАД и на британскиот премиер Дејвид Камерон. Менаџер на ресторанот, голем број келнери и други учесници беа обвинети, бидејќи се претпоставува дека помагале при прислушување.

Премиерката изјави денеска дека сака да се врати довербата во владејачката партија "Граѓанска платформа", која заостанува во анкетите четири месеци пред парламентарните избори во Полска.

На прес-конференцијата, на која соопшти за оставките на тројцата министри и неколку заменици-министри, премиерот Копач рече дека "оние кои биле жртви на нелегално прислушување, покажале чувство на одговорност за државата, а не на приврзаност кон министерските фотелји ".

"Единствениот ефект од истрагата што обвинителството го води веќе една година, е огромното истекување на материјали. Тоа ја поткопува довербата кон обвинителството", изјави Копач и посочи дека нема да го прифати извештајот на главниот обвинител Анджеј Серемет за тоа како доверливи информации за истрагата се појавија на Facebook.

Копач рече дека случајот може да продолжи да работи само со ново обвинителство и со нов главен обвинител. "Додека сум премиер, нема да дозволам записите да бидат искористени за политички игри", изјави премиерот  и се извини на приврзаниците на владејачката партија, кои според зборовите "со одвратност и иритација" ги слушале записите.

На кратка прес конференција мотивите за оставка ги изложи и Радослав Сикорски, претседателот на Долниот дом на парламентот. Тој истакна дека е донесена оваа одлука, мислејќи за интересите на "Граѓанска платформа", и истакна дека има намера да работи за нејзиниот  изборен успех наесен.

Оставка поднесе и началникот на групата на советници на премиерот, поранешниот министер за финансии Јан Ростовски.

Инвеститорот Збигњев Стонога објави на Facebook над 250 фотографии на документите од истрагата. "Не објавам ништо, само го правам достапно она што веќе две недели се наоѓа на кинески сервери", изјави тој во дополнителен видео материјал. Портпаролот на обвинителството во вторникот потврди дека фотографиите се на автентични документи.

Слично

Поврзани вести