Полјак и Италијанка – новото „динамично дуо“ на ЕУ
Полскиот премиер Доналд Туск ќе биде нов претседател на Европскиот совет, а италијанската министерка за надворешни работи Федерика Могерини ќе биде нова висока претставничка за заедничка надворешна и безбедносна политика на ЕУ. Двете позиции се сметаат за исклучително важни во Унијата, а досега ги извршуваа Херман Ван Ромпуј и Кетрин Ештон.
За изборот на Туск клучна беше поддршката на Ангела Меркел, додека Могерини ја поддржа пратеничката група на европските социјалдемократи и владата на италијанскиот премиер Матео Ренци.
Во трка за претседател на Европскиот совет беа и данската премиерка Хеле Торнинг-Шмит, како и поранешниот премиер на Летонија Валдис Домборовскис. Противкандидати на Могерини, пак, беа полскиот шеф на дипломатијата Радослав Шикорски и бугарската еврокомесарка за меѓународна соработка Кристалина Георгиева.
„Туск е ветеран на бриселската политичка сцена, а Могерини е исклучително вешта во преговарање“, рече досегашниот претседател на Европскиот совет Херман Ван Ромпуј, кој ги претстави наследниците на високите европски функции.
Тој потсети дека Туск веќе седум години е на чело на полската влада и дека успешно ја водел земјата низ економската криза и низ многубројни политички предизвици.
„Верувам во обединета Европа бидејќи не постои паметна алтернатива“, порача Туск, нагласувајќи дека е свесен за предизвиците кои стојат пред него.
Могерини, пак, додаде дека самата припаѓа на генерацијата која го оствари европскиот сон и оти не треба да се дозволи тој да се претвори во европски кошмар.
„Свесна сум дека ќе биде тешко“, изјави Могерини, најавувајчи дека во својот мандат ќе се потпира на темелите поставени од нејзината претходничка Ештон, која ја воспостави Европската служба за надворешни работи.
На првата средба со новинарите по изборот на високите европски функции Туск и Могерини се соочија и со најголемите забелешки на нивна сметка: за Могерини се вели дека таа нема доволно искуство за висока меѓународна функција и оти е премногу наклонета кон Москва, додека на Туск му се забележува слабото познавање на странски јазици.
Могерини за себе вели дека иако помалку од една година е италијанска министерка за надворешни работи, зад себе веќе има 20-годишно искуство во меѓународната политика на други функции. Туск, пак, кој на пресконференцијата зборувал полски, ветил дека до преземањето на функцијата научи добро да зборува англиски.
Пред преземањето на функцијата на крајот на годинава Туск и Могерини треба да добијат и поддршка од мнозинството во Европскиот парламент. Новата шефица на европската дипломатија беше во посета на Македонија кон крајот на јули, при што нагласи дека интеграцијата на земјава и на останатите земји од Западен Балкан е од стратегиски интерес за Унијата.
Сепак, таа не сакаше да ги коментира грчките позиции во спорот околу името, иако додаде дека ова прашање е клучно и оти Италија е подготвена да помогне за негово решавање.
Слично
