Политичкото насилство на најсилно: Досега 51 напад во Франција поради изборите
„Оваа кампања е кратка, но веќе имаме 51 кандидат, пратеник и активист кои се физички нападнати“, изјави денеска министерот за внатрешни работи на Франција, Жералд Дармани за француската телевизија BFMTV.
Како што објасни тој, повеќе од 30 лица, меѓу кои и луѓе од екстремно десничарски и левичарски групи, се уапсени во врска со инцидентите.
Францускиот претседател Емануел Макрон одлучи да распише предвремени парламентарни избори по убедливата победа на екстремно десничарскиот Народен фронт (РН) на европските избори на 9 јуни. РН, исто така, славеше во првиот круг од националните избори на 30 јуни и се надева на апсолутно мнозинство во 577-члениот парламент пред вториот круг в недела.
Тензиите се зголемија во земјата по успехот на евроскептичната РН, која се залага за антиимиграциска политика. Пријавени се неколку напади, вклучително и на владината портпаролка Приско Тевено и нејзиниот тим во средата додека поставуваа плакати за кампањата во близина на Париз. Според обвинителите, тие привеле четири лица, меѓу кои три малолетни, пренесува француската новинска агенција АФП.
Министерот за внатрешни работи Дарманин рече дека мерките за безбедност ќе бидат засилени, а 30.000 полицајци ќе бидат распоредени ширум земјата во неделата навечер, вклучително и 5.000 во Париз и неговите предградија, поради можните избивања на насилство по објавувањето на резултатите од вториот круг од изборите. Со ова, според Дарманин, сакаат да обезбедат „радикалната десница и радикалната левица да не ја искористат ситуацијата за да предизвикаат немири“.
