Погрешни бизнис проценки: Можеле да бидат милијардери!
Технолошката индустрија е преолна со примери на луѓе кои започнале многу скромно, а изградиле огромно богатство благодарение на современите технолошки пронајдоци, кои им донеле заработка од десетици милијарди долари.
Една од најпознатите приказни е онаа за Гугл, чии основачи Лери Пејџ и Сергеј Брин започнале со бизнис во мала гаража, а денес се меѓу најбогатите луѓе во светот.
Но, сите не биле такви визионери за навреме да ги препознаат успешните технолошки проекти кои можат да донесат огромна заработувачка. Многумина кога им се укажала можност, одбиле да инвестираат и на тој начин загубиле милиони, па дури и милијарди долари.
Новинарите на „Бизнис инсајдер“ објавија список на 10-тина луѓе кои денес можеле да бидат милијардери, но ја пропуштиле шансата. На листата се наоѓаат и бизнисмени кои иако во еден период донеле погрешна одлука, сепак донеле и неколку правилни, па сепак успеале да свртат големи пари.
Нолан Бушнел - можел да има една третина од Епл. Ја одбил можноста од основачите да инвестира 50 илјади долари, а ако се согласел денеска ќе имал удел од 1/3 во компанијата која вреди 480 милијарди долари.
Роналд Вејн - денес можеше да вреди 40 милијарди долари. Додека Џобс и Вознијак станаа планетарно популарни и богати, за третиот основач на Епл не се зборува премногу. Своите 10% удел во компанијата Вејн ги продал за 800 долари само две недели по основањето на компанијата. Подоцна за дополнителни 1.500 долари целосно се откажал од сите права за сопственост во Епл.
Џон Јанг - Стив Вознијак кон средината на 70-тите работел во Хјулит-Пакард, а во своето слободно време работел на развој на персонален компјутер. Тој пет пати ги молел директорите на компанијата во која работи, на чело со Џон Јанг, да размислат за производство на овој компјутер, но тие постојано го одбивале. Вознијак на крајот со џобс го основал Епл, а компјутерот на кој работел станал всушност првиот производ на оваа компанија.
Џо Грин - го послушал татко му и го одбил Марк Цукерберг. Грин му помогнал на Цукерберг во основањето на страницата Фејсмеш заради која западнале во проблеми на Харвард, а кога Цукерберг побарал од него да му помогне во работата на Фејсбук, Грин го одбил затоа што го послушал неговиот татко кој го советувал веќе да не работи со Цукерберг на заеднички проекти. Да не го послушал овој совет, Грин сега ќе имаше удел во Фејсбук, комапнија вредна околу седум милијарди долари.
Скот Тобин и Батери Венчурс - не сакаа да вложат во Фејсбук. Тобин ги предводел преговорите на својата компанија со Цекуреберг за инвестирање во Фејсбук, ја одбил понудата, а потоа - зажалил.
Стјуарт Елман - и тој имаше можност да вложи во Фејсбук. Телефонски разговарал со Цукерберг додека овој уште бил на Харвард, но до соработка и инвестиции сепак не дошло.
Дејвид Кауван - избегнувал состаноци со основачите на Гугл. Тој се дружел со Сузан Војсицки, која својата гаража им ја изнајмила на Лери Пејџ и Сергеј Брин, па му договорила состанок на Кауван со нив. Тој избегнувал да се појави и да ги запознае двајцата ентузијасти, кои сега се меѓу најбогатите луѓе во светот.
Џејмс Алтучер - сметал дека Гугл му е „премала инвестициска можност“. Уште во почетокот на развојот на интернет пребарувачот Гугл, Алтучер за околу еден милион долари можел да купи 20% од Гугл. На ова тој одговорил: „Зарем пребарувачите не се веќе мртви?“ и оценил дека Гугл е премала можност за инвестирање.
Digg - За оваа компанија своевремено бил заинтересиран Гугл кој наводно нудел 200 милиони долари да ја купи, иако оваа понуда никогаш не е официјално потврдена. Основачот Кевин Рос потврдува дека одбил понуда од 80 милиони долари за купување на неговата интернет страница. На крај, неколку години подоцна, бил принуден да ја продаде за само 500 илјади долари.
Џери Јанг - Извршниот директор на Јаху во 2009 година ја одбил понудата на Мајкрософт за преземање вредна дури 44,6 милијарди долари. Повеќето акционери биле незадоволни од одбивањето, а Јаху во следните години западнал во голема криза, од која дури сега започнува да излегува.
Слично
