Поддршка од Брисел за Киев – се укинуваат тарифите за украински производи
Европската унија денеска треба да донесе одлука за постепено намалување, а некаде и целосно укинување на тарифите за украински производи на европскиот пазар. Чекорот е наменет како знак на поддршка на Брисел кон новите власти во Киев.
Мерката се однесува на сите производи со потекло од Украина, но најголема корист од неа се смета дека ќе имаат земјоделските производи од оваа земја.
Освен ова, Европската унија на Киев веќе му понуди и пакет економска помош вредна 15 милијарди долари во следните неколку години, а наскоро се очекува да ја потпише и Спогодбата за асоцијација со Украина, која претходниот украински претседател Виктор Јанукович ја одлагаше.
Инаку разрешениот шеф на украинската држава Јанукович се очекува денеска повторно да и се обрати на јавноста од рускиот град Ростов на Дон, каде што се наоѓа откако успеа да побегне од Украина.
Украинските власти него го бараат со меѓународна потерница за одговорност за убиствата на демонстранти за време на протестите за негово симнување од власт. Јанукович претходно имаше една пресконференција во овој град на која изјави дека не ги признава новите власти во Киев и оти уште се смета за легитимен претседател на Украина.
Во изминатите денови се шпекулираше околу неговата здравствена состојба, со информациите дека по бегството од Украина преживеал инфаркт.
Слично
