Економија, финансии, бизнис

Контакт

Податоците за американскиот БДП го зајакнаa доларот

Податоците за американскиот БДП го зајакнаa доларот

На меѓународните пазари курсот на американскиот долар зајакна во однос на еврото и јенот, откако беше соопштено дека растот на американската економија во вториот квартал од 2013 година неочекувано забрзал, а фокус на инвеститорите сега се пренасочува на соопштението од заседанието на американската централна банка.

Со еврото се тргуваше по 1,3225 долари, што значи дека беше во минус од речиси 0,3 отсто во однос на затворањето на тргувањето во вторникот. Со тоа многу се оддалечи од највисокото ниво во последните шест седмици од 1,33025 долари, на кое се искачи во вторникот. Доларот истовремено зајакна и во однос на јапонскиот јен за 0,2 отсто, на 98,22 јени.

Американскиот бруто домашен производ (БДП) во вториот квартал од годинава пораснал за 1,7 отсто на годишно ниво, соопшти министерството за трговија на САД. Растот е посилен од еден процент, колку што во просек очекуваа економските аналитичари.

Вниманието на пазарите така сега повторно се свртува на соопштението од американската централна банка Federal Reserve (Fed), кое ќе биде објавено вечер, по завршувањето на дводневното заседание на нејзините челници.

Иако се очекува дека Fed засега ќе ги продолжи програмите за откуп на државните и хипотекарните обврзници во сума од 85 милијарди долари секој месец, движењето на курсот на доларот најверојатно ќе зависи од тоа како пазарите ќе го толкуваат соопштението на Fed.

Слично

Поврзани вести