ПОЧНУВА БРАНОТ БЕГАЛЦИ ОД УКРАИНА-ГЕРМАНИЈА НУДИ ПОМОШ НА ПОЛСКА: И Берлин се подготвува за пристигнување на луѓето кои бегаат од војната
Германија ќе им понуди поддршка на земјите во источна
Европа, особено на Полска, кои се соочуваат со прилив на бегалци откако Русија
ја нападна Украина, изјави денеска
министерката за внатрешни работи Ненси Фезер.
Германските медиуми наведуваат проценки дека меѓу 200.000 и милион луѓе може да побегнат во Европската унија од Украина во случај на војна.
„Ќе им понудиме огромна поддршка на погодените држави - особено нашиот сосед Полска - во случај на големи движења на бегалците“, рече Фезер во изјавата, додавајќи дека била во контакт со полската влада и Европската комисија, пренесува Ројтерс.
Градоначалничката на Берлин, Франциска Гифи, изјави за новинската агенција РББ 24 дека главниот град на Германија се подготвува за пристигнување на бегалци.
„За следната недела си поставивме цел да разговараме за конкретни импликации, какви подготовки можеме да направиме, особено во случај луѓето да избегаат од оваа ситуација“, рече Гифи. Министерката за внатрешни работи Фезер, исто така, рече дека германските безбедносни власти ги зајакнале заштитните мерки од можни сајбер напади.
Истовремено, Романија планира мобилни кампови.
Романија, која има 600 километри граница со Украина, вели дека е подготвена да прими дури половина милион потенцијални бегалци. „Не очекуваме голем прилив да дојде овде сега, но никогаш не се знае“, рече министерот за одбрана, Василе Динчу.
Унгарската државна новинска агенција МТИ во вторникот објави дека неодреден број војници се преместени на источната граница на земјата со Украина.
Министерот за одбрана Тибор Бенко рече дека унгарските вооружени сили треба да бидат подготвени да спречат вооружени групи да ја преминат границата долга околу 140 километри.
Бенко, исто така, рече дека војската на Унгарија мора да биде во позиција да се справи со бегалските текови, вклучително и со обезбедување хуманитарна помош. Унгарија претходно соопшти дека може да се грижи за илјадници можни бегалци од Украина. Во исто време, Унгарија продолжува да зазема цврст став против бегалците, одбивајќи пристап до азил на мигрантите кои се обидуваат да влезат преку нејзините јужни граници со Србија и Хрватска со став дека ги штити надворешните граници на ЕУ, пишува InfoMigrants.
