ПОЧНА КАКО ТВ ВОДИТЕЛКА НА ГРЧКАТА МЕГА, А ЗАВРШИ ВО КОРУПЦИСКИОТ СКАНДАЛ КАКО ПОЛИТИЧАРКА: Ева Каили може да остане во притвор
Потпретседателката
на Европскиот парламент, Ева Каили и уште четири лица беа приведени под сомнение
за корупција и перење пари, во случај што белгиските медиуми го поврзуваат со
незаконско лобирање на претставници на државата Катар во Брисел.
Грчката европратеничка од групата Социјалисти и демократи се најде во центарот на скандалот што го тресе единственото тело на ЕУ чии претставници се директно избрани.
Европратениците од редовите на Каили брзо објавија дека таа е суспендирана од членството поради истрага против неа, додека нејзината матична партија, Панхеленското социјалистичко движење на Грција (ПАСОК), веднаш ја исклучи.
Белгиската полиција во петокот наутро почна со рации и претреси во канцелариите во Брисел, при што беа запленети дури 600.000 евра во кеш, а истражителите запленија и компјутери, мобилни телефони и мемориски картички.
„Федералната полиција изврши 16 претреси на 14 локации во Брисел. Овие претреси беа извршени како дел од широката истрага за наводни дела на здружување со криминална организација, корупција и перење пари“, се вели во соопштението на белгиските власти. Покрај петтемина уапсени, истрагата опфати уште неколку парламентарни асистенти поврзани со клубот на пратеници на Социјалисти и демократи, како и најмалку еден поврзан со Европската народна партија (ЕПП). Претреси биле извршени и во домовите на двајца советници и еден вработен во Европскиот парламент.
Ева Каили е една од 14-те потпретседатели на Европскиот парламент, од кои пет се од групата претставници на Социјалисти и демократи. Каили, родена 1978 година, стана член на подмладокот на ПАСОК во средно училиште, на 14 години, а на 24 години стана најмладата претставничка во градскиот совет на Солун.

Од 2003 до 2007 година работеше и стана позната како презентер на вести на грчкиот телевизиски канал Мега. Таа ја напушти телевизијата кога беше избрана за пратеник во грчкиот парламент, каде што беше избрана на два последователни избори. Од 2014 година, таа е членка на Европскиот парламент, каде што беше исклучително активна во повеќе области - таа беше првата жена на чело на Работната група за иднината на науката и технологијата (STOA), шеф на Центарот за вештачка интелигенција (C4AI), шеф на Работната група за иновациска стратегија за информатички и телекомуникациски технологии и шеф на делегацијата на Европскиот парламент за односи со Парламентарното собрание на НАТО. Во ЕП, таа беше еден од водечките промотори на новите дигитални технологии. Каили доби и низа други одговорни должности, како заменик претседателот за контакти со Европските деловни асоцијации, за односите со ООН и СЗО и за односите со Блискиот Исток.
Тоа беше последното што веројатно беше пресудно за интересите на Катар, доколку се покажат вистинити обвинувањата на белгиските обвинители. По апсењето на Каили, голем број нејзини колеги побрзаа да истакнат дека таа во неколку наврати годинава отворено го пофалила Катар како земја која со реформите во работните права служи како пример за остатокот од арапскиот свет.
фото: Instagram/Twitter