Почина лекарот кој го разоткри прикривањето на епидемијата на САРС
Џијанг Јанјонг, поранешниот армиски хирург кој го откри кинеското прикривање на епидемијата на САРС во 2003 година, почина на 91-годишна возраст. Тој почина во саботата во Пекинг од пневмонија, објавија семејните пријатели, како што пренесе Би-би-си.
Јанјонг напиша предупредување на почетокот на кризата со САРС во кое откри дека службениците ја намалиле заканата. За време на избувнувањето на САРС, тој работел во болница во Пекинг, а го вознемирило тоа што кинескиот министер за здравство им кажал на граѓаните дека досега се регистрирани само неколку случаи на оваа смртоносна респираторна болест.
Имено, тој знаел за повеќе од 100 случаи на инфекција. Тој испрати писмо до кинеските државни медиуми во кое разоткри што се случува, но локалните медиуми го игнорираа. Потоа писмото протече до странските медиуми, кои ја објавија неговата приказна во целост.
„Чувствував дека морам да разоткривам што се случува, не само за да ја спасам Кина, туку и да го спасам светот“
Поради неговите потези, кинеската влада беше принудена да признае дека во јавноста ширела лажни информации за епидемијата, по што Светската здравствена организација (СЗО) презеде акција. Итно беа воведени строги здравствени мерки за да се спречи ширењето на вирусот.
„Чувствував дека морам да разоткријам што се случува, не само за да ја спасам Кина, туку и да го спасам светот“, рече тој за своите постапки. Јанјонг потоа повторно ги предизвика кинеските власти следната година. Тој ги повика лидерите на кинеската Комунистичка партија да признаат дека задушувањето на продемократските протести на плоштадот Тјенанмен во 1989 година е погрешно и дека во тој процес биле убиени стотици, можеби илјадници цивили.
Тој напиша за тоа како ноќта кога тенковите излегле на плоштадот бил главен хирург во главната воена болница во Пекинг и дека војниците пукале во толпата. Недолго по објавувањето на приказната, полицијата ги приведе него и неговата сопруга. Но, тоа не го спречи. Во 2019 година, тој напиша писмо до кинескиот претседател Си Џинпинг, повторно осудувајќи ја репресијата на плоштадот Тјенанмен. После тоа наводно му е одреден домашен притвор.
