ПОБЕДА ВО ПРВ КРУГ: „Кралот на чоколадите“ ќе биде претседател на Украина?
Украинскиот олигарх Петро Порошенко прогласи победа на вонредните претседателски избори во Украина уште во првиот круг. Според излезните анкети на денешните избори тој освоил 55,9 проценти од гласовите.
Поранешната украинска премиерка Јулија Тимошенка се нашла на второто место, со освоени помалку од 12 проценти од гласовите.
„Сите анкети покажуваат дека изборите се завршени во првиот круг и дека државата веќе има нов претседател“, рече Порошенко пред своите приврзаници, ветувајќи дека прв приоритет во неговиот мандат ќе му биде да завршат „војната и хаосот“ предизвикани пд проруските бунтовници.
Порошенко истакнал дека Украинците му дале мандат да го продолжи курсот на интеграции кон Европа и најавил дека парламентарните избори треба да се одржат годинава.
„Спој меѓу Вили Вонка и Че Гевара“ – вака познавачите го опишуваат украинскиот „чоколаден“ милијардер. Петро Порошенко, пратеник и поранешен министер во украинската Влада, познат е уште како „крал на чоколадите“ заради неговата кондиторска империја. Тој уживаше голем углед меѓу демонстрантите на Плоштадот на независноста во Киев.
Познат како отворен поддржувач на евроинтеграцијата на Украина, Порошенко за време на најжестоките немири секојдневно им делел чоколади на демонстрантите на улиците во Киев.
Сепак, тој има искуство во работата со два спротивставени украински табори – беше министер за надворешни работи на поранешниот претседател Виктор Јушченко и тогашниот премиер Јулија Тимошенко, а пред извесно време беше министер за трговија и економски развој во Владата блиска на Јанукович.
Неговото богатство е проценето на 1,6 милијарди американски долари, а освен кондиторската индустрија, поседува и конфекција, ТВ канал, бродоградилишта.
Слично
