Економија, финансии, бизнис

Контакт

По референдумот Холандија може да не го одобри договорот меѓу ЕУ и Украина

По референдумот Холандија може да не го одобри договорот меѓу ЕУ и Украина

61,1% од Холанѓаните гласаа против договорот меѓу ЕУ и Украина. Ова го покажуваат прелиминарните резултати од гласањето на референдумот во Холандија, кој сепак е со препорачан карактер, пренесоа агенциите.

Одѕивот бил 32,2%, што го прави референдумот валиден. Според законодавството тој е валиден при учество на повеќе од 30% од гласачите. Против договорот се изјаснија 61,1% од гласачите, а за него - 38,1%. Конечните резултати од референдумот ќе бидат обелоденети од Изборниот совет на Холандија на 12 април.

Референдумот во Холандија беше одржан во средата, 6 април. Неговите резултати имаат консултативен карактер и немаат обврзувачка сила. Сепак, владата треба да го стави во парламентот прашањето дали договорот ќе остане во сила и покрај волјата на луѓето, или ќе одбие да го ратификува, што сериозно може да ги влоши односите со земјите од Европската унија.

Премиерот на Холандија Марк Руте коментирајќи ги резултатите од гласањето, не ја исклучи можноста за откажување од ратификација на договорот.

Според него „ако референдумот биде прогласен, тоа ќе ги повлече по себе и соодветните последици“.

Не задоцни и реакцијата од страна на Украина. Украинскиот претседател Петро Порошенко изјави дека референдумот во Холандија за асоцијација на Украина со ЕУ е насочен против единството на Европа и европските вредности.

„Вистинската цел на организаторите на референдумот не е договорот за асоцијација на Украина со ЕУ. Во суштина дебатата што се разви во пресрет на референдумот е напад врз единството на Европа и против ширењето на европските вредности“, изјави украинскиот претседател во својот коментар за прелиминарните резултати од холанскиото гласање.

Порошенко им се заблагодари на сите Холанѓани кои гласале „за“ договорот за асоцијација, како и на оние кои вршат популаризација на Украина во Холандија.

Според него резултатите од референдумот во Холандија нема да бидат пречка за европската интеграција на Украина.

Слично

Поврзани вести