Економија, финансии, бизнис

Контакт

По разорните земјотреси во Венецуела, силен потрес ја стресе и Јапонија

По разорните земјотреси во Венецуела, силен потрес ја стресе и Јапонија

Силен земјотрес со магнитуда 7,2 денеска е регистриран во северниот дел на Јапонија, само неколку часа по силните земјотреси што ја погодија Венецуела и предизвикаа сериозна штета, човечки жртви и голем број повредени.

Земјотресот во Јапонија бил регистриран во морето, во близина на источниот брег на префектурата Ивате, на длабочина од околу 50 километри. Јапонската метеоролошка агенција првично го проценила потресот на 6,9 степени, а подоцна ја зголемила проценката на 7,2.

По потресот не е издадено предупредување за цунами. Засега нема информации за жртви или поголема материјална штета, иако потресот бил почувствуван и во делови од Токио. Дел од железничкиот сообраќај во североисточна Јапонија бил привремено прекинат поради безбедносни проверки.

Јапонските власти соопштија дека нема пријавени неправилности во нуклеарните централи и постројки, меѓу кои и „Фукушима Даичи“, како и фабриката за преработка на потрошено нуклеарно гориво во Аомори.

Владата ги повика жителите во погодените региони да бидат внимателни поради можни дополнителни потреси. Јапонија се наоѓа во сеизмички активната зона позната како Тихоокеански огнен прстен и е една од земјите најизложени на земјотреси во светот. 

Слично

Поврзани вести