ПО НАПАДОТ ВО БАВАРИЈА: Како да се интегрираат бегалците?
Откако 17-годишен бегалец од Авганистан во понеделникот нападна со секира и нож патници во баварски воз и рани неколкумина, парламентот на германската покраина формираше комисија за интеграцијата.
Иницијатор беше пратеникот социјалдемократ Ариф Ташделен. Со помош на експерти баварските парламентарци имаат подготвено предлог кој предвидува решенија за голем број прашања поврзани со образованието, религијата и културата, јазикот, рамноправноста, искоренувањето на расизмот, обезбедување на работа за имигрантите во Германија. Ташделен се надева дека на тој начин ќе им се помогне на луѓето кои пристигнуваат во земјата, по извесно време да се прилагодат и да станат дел од германското општество.
Не сите локални парламентарци се согласуваат со предложените начини за решавање на конфликти. Пратеникот Ханс Рајхарт изјави дека за спречување на слични случаи нема да се доволни напорите за интеграција на имигрантите. Тој инсистира органите на прогонот да добијат поголеми права.
Според податоците на Европската организација за поддршка на бегалците, во Германија пристигнале од Авганистан огромен број малолетници без придружник. Само минатата година над 10 000 такви деца и адолесценти - повеќето Авганистанци, побарале бегалски статус во Германија. Семејствата ги праќаат со надеж дека овие млади побрзо ќе добијат документи, и ќе ги повлечат и роднините.
