По камионот на теророт во Ница – Истанбул е на трње
По нападот во Ница, во Истанбул патролирале полицајци од специјалните единици, облечени во маскирна облека и вооружени.
„Злосторствата во Ница", „Црн ден во Франција“, „Терор во Франција“ ова се дел од насловите во турските весници денеска. „Камион на теророт ја облеа во крв прослава во Ница на националниот празник на Франција - Денот на Бастилја“, пишува „Сабах".
Ужасно злосторство се случи во Ница, ден откако Франција ги затвори на неодредено време свои дипломатски претставништва во Турција поради разузнавачки информации за можни терористички напади.
„Франција повторно се соочи со крвавото лице на теророт" - пишува „Милиет", додавајќи дека на прославата во Ница вчера учествувале околу 400.000 лица.
Турските весници денеска пишуваат и за зголемените мерки за безбедност на клучните места и во градскиот транспорт на Истанбул.
