Економија, финансии, бизнис

Контакт

ПО ФРАНЦИЈА, И САД И ВЕЛИКА БРИТАНИЈА ПОЧНАА ЕВАКУАЦИЈА ОД НИГЕР: Го редуцираат персоналот од амбасадите

ПО ФРАНЦИЈА, И САД И ВЕЛИКА БРИТАНИЈА ПОЧНАА ЕВАКУАЦИЈА ОД НИГЕР: Го редуцираат персоналот од амбасадите

САД наредија делумна евакуација на својата амбасада во Нигер по минатонеделниот државен удар, а Велика Британија во четвртокот соопшти дека привремено ќе го намали бројот на персоналот на амбасадата во Нијамеј поради безбедносната ситуација, пишува Би-Би-Си.

Стотици странски државјани веќе се евакуирани од земјата, а во неделата демонстранти ја нападнаа француската амбасада. Водачот на пучот, генерал Абдурахамане Тчиани, предупреди на „какво било мешање во внатрешните работи“ на земјата. Нигер е значаен производител на ураниум и се наоѓа на клучна миграциска рута кон Северна Африка и Медитеранот.

Aмериканскиот државен секретар Антони Блинкен разговараше со соборениот претседател Мохамед Базум во средата, соопшти Стејт департментот, додавајќи дека САД се посветени на враќањето на демократски избраната влада на Нигер.

Портпаролот Метју Милер изјави дека и покрај делумната евакуација, амбасадата на земјата во главниот град Ниамеј ќе остане отворена.

„Остануваме посветени на народот на Нигер и на нашиот однос со народот на Нигер и остануваме дипломатски ангажирани на највисоко ниво“, рече тој.

Британската амбасада во главниот град на Нигер, Нијами, привремено ќе го намали бројот на вработени поради безбедносната ситуација, соопшти Форин Офисот.

„Групата што ги организираше протестите на 30 јули (М62) повика на нови протести за денеска, 3. август, Денот на независноста на Нигер. Протестите може да бидат насилни и ситуацијата може брзо да се промени без предупредување“.

Воените команданти од Ековас се состанаа во Нигерија во средата за да разговараат за можна воена интервенција, иако тие рекоа дека таквата акција ќе биде „последна опција“.

Генералот Тчиани, поранешен шеф на претседателската гарда на Базум, ја презеде власта на 26 јули, велејќи дека сака да го спречи „постепениот и неизбежен колапс“ на Нигер.

Пучот предизвика големи демонстрации против Франција и во корист на Русија, чие влијание во Западна и Централна Африка се зголеми во последните години.

Во средата 262 лица пристигнаа во Париз со летови за евакуација организирани од француската влада. Лет организиран од Италија исто така слета во Рим со 87 патници. Нигер, каде и Франција и САД имаат воени бази, е клучен западен сојузник во борбата против џихадистичкиот екстремизам во Сахел.


Слично

Поврзани вести