По два дена – нова средба за евентуален мир во Сирија
Следната меѓународна средба за сириската криза ќе се одржи во Њујорк во петок (18-ти декември), изјавил првиот дипломат на Москва, Сергеј Лавров по средбата на државниот секретар на САД, Џон Кери и рускиот претседател Владимир Путин во Кремљ.
„Ние ја поддржуваме идејата за одржување на уште една средба во Њујорк на Меѓународната група за поддршка на Сирија на министерско ниво овој петок, 18 декември“, изјавил Лавров.
Средбата помеѓу Путин, Лавров и Кери траеше повеќе од три часа, наместо планираните два часа. Разгледана беше сириската криза и обединувањето на напорите во борбата против меѓународниот тероризам. Кризата во Украина беше исто така помеѓу темите на разговорите.
На прес-конференцијата по средбата Кери изјавил дека двете земји ги обединиле позициите на голем број на комплексни прашања околу Сирија. „И покрај разликите, Русија и САД можат да постигнат напредок по голем број прашања, како и борбата против „Исламска држава“, посочил тој.
Од своја страна Лавров посочил дека Русија сака колективниот формат на антитерористичката коалиција, која се формира на преговорите во Виена да биде одобрен од Советот за безбедност на ОН. Како што посочил Лавров, Секретаријатот на ОН не можел да и обезбеди на Русија никакви докази дека руската воздушна операција во Сирија се одразила негативно врз хуманитарната ситуација во земјата.
По прашањето за Украина, Кери посочил дека одговорноста за исполнувањето на договорите од Минск е на сите страни во конфликтот. „Колку побрзо се примени Минскиот договор, толку побрзо ќе бидат откажани американските и европските санкции против Русија“, посочил тој.
