По 5 години ќе нема веќе лозинки
Над 70% од компаниите во сферата на информатичките технологии имаат намера целосно да се откажат од идентификацијата со помош на кориснички имиња и лозинки, покажува истражувањето на Wakefield Research меѓу ИТ компании во САД и Европа.
Повеќето испитаници планираат откажување од лозинките во наредните пет години и преминување кон посигурни методи за идентификација на корисниците. Нивната одлука за тоа е диктирана од зачестените нарушувања на безбедноста на големи компании, придружени со кражба на лозинки и други лични податоци.
Жив пример е големиот пробив во Yahoo, при што хакерите украле информации за 500 милиони корисници на интернет гигантот.
Покрај директната закана за корисниците, корисничките имиња и лозинките ја загрозуваат безбедноста и на самите услуги. Многу луѓе не се трудат да воведуваат сложени лозинки, како резултат на што создаваат слабо место во заштитата, во која хакерите можат лесно да навлезат во системот.
Во други случаи корисниците користат една комплексна лозинка секаде каде се регистрираат, вкл. корпоративни сајтови. Ако таа биде дознаена од хакери, ранливи стануваат сите сметки на корисникот и соодветно некои од услугите.
Овие проблеми покажуваат дека лозинките како средство за заштита одамна се застарени и бараат ако не замена, тогаш барем усовршување.
Компанијата за ИТ безбедност, SecureAuth верува дека клучот за решението на проблемот со лозинките се еднократни клучеви, испраќани на корисникот по телефон или мејл при обид за логирање во еден или друг сајт.
Со други зборови, специјалистите препорачуваат двофакторна авторизација, која веќе ја докажа својата сигурност, на пример при онлајн банкарство.
Како максимално сигурни методи за идентификација се сметаат исто скенирањето на ирисот на очите и отпечатоците од прсти. Според експертите за ИТ безбедност, токму овие два методи целосно ќе ги заменат традиционалните кориснички имиња и лозинки.
