Економија, финансии, бизнис

Контакт

По 30 години една метропола ќе биде под вода

По 30 години една метропола ќе биде под вода

Индонезискиот главен град Џакарта, во кој живеат 10 милиони луѓе е метрополата која тоне многу брзо. 

Поради поплави и тоа што низ ова подрачје течат 13 реки, експертите предвидуваат дека до 2050-та година одредени делови од градот би можеле целосно да се најдат под вода. 

Северниот дел на Џакарта потонал за 2,5 метри во последните 10 години и тој дел од градот продолжува да тоне. На северот од градот каде што се наоѓа и едно од најфреквентните пристаништа во Индонезија денес живеат 1,8 милиони луѓе.

„Потенцијалот Џакарта да заврши под вода не е никаква шега. Нашите предвидувања велат дека 95% од северниот дел на Џакарта до 2050-та година би можел да се најде под вода“- вели Хери Андреас, научник во институтот за технологија Бандунг кој веќе 20 години го проучува лизгањето на тлото.

Некои делови од градот тонат и по 25 сантиметри годишно, што е двојно повеќе од светскиот просек на крајбрежните мега градови. Целиот град во просек на годишно ниво тоне до 15 сантиметри и моментално повеќе од половина град е под вода.

„Морската вода целосно го прекрива базенот во дворот и пристаништето кое што го имаме во близина на куќата. Кога ќе видиме дека ќе има поплава, мораме целиот мебел да го префрлиме на првиот кат“- објаснува еден од локалните жители.

Но, и на уште неколку други градови во светот им се заканува слична судбина. Венеција исто така тоне, иако не со така голема брзина, но Италијанците инвестираа милијарди евра за изградба на брана која што ја регулира плимата на Јадранското море и во иднина ќе спречува поплавување на градот.

Њу Орлеанс се наоѓа на листата на градови кои што се соочуваат со опасност да бидат поплавени. До 20-тиот век градот бил над нивото на морето, меѓутоа сега најголемиот дел од градот е под нивото на реката Мисисипи и езерото Понтчартрејн.

Поради огромната експлоатација на подземните води во Дака во Бангладеш, исто така постои голема опасност од поплави, затоа што градот несопирливо тоне. Хо Ши Мин во Виетнам кој што е изграден на делтата на реката Меконг потонал половина метар за 25 години.

Слично

Поврзани вести