ПЕЗЕШКИЈАН: Прогласувам крај на 12 дневната војна со Израел
Иран прогласи „крај на 12-дневната војна“ со Израел.
Иранскиот претседател Масуд Пезешкијан вечерва во обраќање до нацијата прогласи „крај на 12-дневната војна“ што ја почна Израел, јавуваат агенциите.
„По херојскиот отпор на нашата голема нација, чија решителност влегува во историјата, бевме сведоци на склучувањето на прекин на огнот и крајот на оваа 12-дневна војна наметната од авантуризмот и провокацијата на Израел. Агресивниот непријател не успеа да ги постигне своите цели за уништување на објектите и нарушување на нуклеарните истражувања во Иран, предизвикувајќи социјални немири во републиката“, вели Пезешкијан.
Пезешкијан истакна дека обемот на уништувањето во Израел како резултат на одмаздничките напади од страна на иранските вооружени сили му покажа на светот дека „цената на оваа авантура против голема земја како Иран е ужасна“.
Тој нагласи дека верува во можноста за мирен соживот на земјите од Блискиот Исток.
„Нашата заедничка мудрост и разумност ќе ги уништат плановите на непријателите кои се обидуваат да посеат раздор меѓу нас“, додаде Пезешкијан.
Вели дека иранските државни служби ќе вложат максимални напори за обновување на нападнатите локации и за обезбедување помош на семејствата на жртвите и повредените.
