Песков: Загуби? Какви загуби?
Кремљ соопшти дека допрва треба да види ситуации во кои е применето ограничувањето на цената на руската нафта наметнати од Запад минатиот месец, за да можат да коментираат колкави се загубите од таквите мерки.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, исто така, на дневниот брифинг им изјави на новинарите дека Русија ќе стори сé за да се заштити од плановите на Групата седум (Г7) да воведе две групи ограничувања на цените на руските нафтени производи, пренесува Ројтерс.
Официјален претставник на Г7 во вторникот рече дека коалицијата ќе се обиде да постави две ограничувања на цените за руските нафтени производи во февруари: едно за производите што се тргуваат со премија во однос на нафтата и друго за оние што тргуваат со попуст.
Светски аналитичари веќе укажаа дека ограничувањето на цената и ембаргото на Европската унија за најголемиот дел од руската нафта ги намалија приходите на Москва од фосилните горива, но Кремљ сè уште заработува значителни пари за финансирање на војната во Украина бидејќи лимитот од 60 долари за барел беше „премногу мек“.
Комбинацијата од ограничувањата на Групата седум главни демократии и забраната на ЕУ ја чини Русија околу 160 милиони евра (171,9 милиони американски долари) дневно, соопшти Хелсинкискиот Центар за истражување на енергија и чист воздух во студијата за првите недели од санкциите, кој стапи на сила на 5 декември.
Бројките покажуваат дека Русија сè уште зема 640 милиони евра дневно од фосилни горива, што е помалку од 1 милијарда евра дневно од март до мај 2022 година, веднаш откако ја нападна Украина на 24 февруари.
Русија би изгубила дополнителни 120 милиони дневно почнувајќи од 5 февруари, доколку ЕУ го забрани увозот на рафинирани нафтени деривати како што е дизел горивото, од кои Русија е главен снабдувач. Со тоа до февруари заработката на Москва би се намалила на 520 милиони евра дневно.
Центарот објави дека Русија успеала да оствари 3,1 милијарда евра приход од испораката на нафта под плафонската цена, собирајќи 2 милијарди евра даночен приход. Намалувањето на ограничувањето на 25-35 долари за барел речиси целосно ќе ги елиминира даночните приходи со приближување на цената многу поблиску до цената на производството во Русија.
Сегашната граница е над пазарната цена на руската нафта и останува во опсегот на она што и е потребно на Москва за да го балансира својот буџет.
Западните влади се мачеа да најдат начин да ги намалат приходите од фосилни горива кои се главниот извор на финансирање на буџетот на руската влада и нејзината војна против Украина. Првите санкции главно избегнуваа блокирање на испораките на нафта и природен гас, бидејќи Европската унија беше во голема мера зависна од руските фосилни горива за да ја управува својата економија и затоа што вртоглавото покачување на цените на енергијата на почетокот на војната поттикна голем скок на инфлацијата во Европа и во САД.
