Пензионер тргна на пат околу светот и „заглави“ на Филипините
Британец платил 20.000 евра за пат околу светот, но „заглавил“ на Филипините.
Станува збор за Кристофер Чепел, 72-годишен пензионер кој останал на Филипините откако бродот за крстарење тргнал без него.
На половина пат, Чепел почувствувал мачнина и вртоглавица, поради што го посетил лекарот на бродот. Тој му рекол дека не смее да се врати на бродот и го испратил на дополнителни испитувања. Пензионерот имал само благ топлотен удар, но бродот го напуштил пристаништето.
Чепел и неговата внука Карен Вилијамс стапиле во контакт со линиите за крстарење и со одговорните за патниците. Оттаму рекле дека човекот има критично здравје и не може да го продолжи патот.
„Сè изгледа како комична лага. Лицето што ме придружуваше од бродот не ме ни прегледа и сигурно знаеше дека тестовите во болницата ќе траат подолго отколку што бродот ќе биде во пристаништето“, рече Чепел.
Лекарите сметале дека нема можности да лета за Манила и морал да отпатува таму со брод, па да се врати дома со авион со медицинска придружба.
Инаку, неодамна медиумите објавија приказна за две пријателки од Тексас кои на 81 година, реализираа пат околу светот за 80 дена.