Пекинг: Смогот се расчистува, остануваат последиците!
Драстичното зголемување на загадувањето на воздухот во Пекинг деновиве го зголеми бројот на пациенти со тешкотии во дишењето во локалните болници, пишуваат кинеските весници. Според еден од пекиншките дневни весници, половина новопримени пациенти во итното одделение на големата детска болница страдаат од респираторни проблеми.
Последниве денови градот се задушува, опколен од густата магла со штетни честички, а во јануари атмосферското загадување повеќе пати достига рекордно високи вредности. Жителите на Пекинг во принцип немаат доверба во податоците за загадувањето, кои ги лиферува владата. Дури официјалните медиуми овој месец од властите инсистираа со барањето за повеќе транспарентност за ова прашање.
Во меѓувреме се наближува сезоната на одмори на крајот на кинеската Нова година, што предизвика расправа дали да се забрануваат или не традиционалните огномети, со кои во атмосферата се исфрлаат нови милијарди загадувачки честички.
Според весникот „Глобал тајмс“ властите уште не одлучиле дали да ги забранат ракетите и петардите, со кои жителите на Пекинг, како и сите Кинези, во овој период ги бркаат лошите духови, за на 10 февруари да ја прослават лунарната Нова година.
Денеска состојбата е малку подобрена. Амбасадата на САД, која објавува сопствени податоци и оценки, соопшти за „многу нездраво“ загадување, додека вчера информираше за „опасно“, забележуваат светските агенции.