ПАТИКИ, НАОЧАРИ, КАПИ...потресни фотографии од личните предмети на загинатите во Сеул
Чевли, облека, очила, документи и други лични работи на загинатите во стампедото во Сеул беа подредени и наредени на стадионот во Сеул. На шокантните фотографии се гледаат личните работи на жртвите од трагедијата за време на прославата на Ноќта на вештерките во Јужна Кореја.
На стадионот во Јонгсан Вард, Сеул, Јужна Кореја, се наредени лични работи од дел од згинатите по трагичното стампедо во Сеул. По инцидентот на 29 октомври може да се најдат голем број чевли од разни брендови, облека од жртвите, но и изгазена капа со пораката „Среќна Ноќ на вештерките“.

Во трагичниот настан погинаа најмалку 155 лица, главно во нивните 20-ти, додека други 152 лица беа повредени.
Според некои проценки, за време на првата прослава на Ноќта на вештерките од почетокот на пандемијата на корона вирусот, повеќе од 100.000 луѓе се собраа на улиците на област во Сеул позната по својот ноќен живот.
Стотици од нив во еден момент се нашле на удолнина во тесна улица, од каде почнале да паѓаат еден врз друг. Луѓето не можеа ниту напред ниту назад, додека масата притискаше од сите страни.
Шефот на јужнокорејската полиција рече дека контролата на толпата за време на прославата на Ноќта на вештерките во Сеул била „несоодветна“ - прво признание од официјален претставник дека не сториле се за да ја спречат трагедијата.

Во услови на зголемени повици за одговорност, Јун Хи Кеун рече дека полицискиот одговор е „разочарувачки“ и дека чувствува „неограничена одговорност за јавната безбедност“ за она што се случило, пренесува Би-Би-Си.
Тој вети дека ќе спроведе целосна истрага.
Јужнокорејските истражители почнаа да ги прегледуваат снимките од повеќе од 50 државни и приватни камери, како и од социјалните мрежи, барајќи одговори за тоа како огромниот пораст на бројот на посетители на прославата на Ноќта на вештерките доведе до трагедијата во која загинаа толку многу луѓе, објави Ројтерс.
Ова е најголемата трагедија во Јужна Кореја од 2014 година, кога потона траект и се удавија 304 лица, главно средношколци.
Фото: EPA/YONHAP
