Партијата на Путин победи на изборите во окупираните делови на Украина
Партијата на рускиот претседател Владимир Путин - Единствена Русија освои 70 отсто од гласовите на изборите во окупираните делови во Украина.
Русија ги спроведе регионалните и локалните избори, вклучително и оние во четирите источни региони анектирани од Украина, на кои рускиот претседател Владимир Путин доби силна поддршка, тврдат руските медиуми.
Еднонеделните избори, кои завршија во неделата, се одржаа во услови на критики за местење на гласовите и во екот на напорите на Украина да ја врати територијата во контраофанзива.
Советот на Европа, водечката група за човекови права во Европа, ги нарече изборите флагрантно кршење на меѓународното право, додека Киев и неговите сојузници рекоа дека тоа е нелегален обид да се зајакне контролата на Москва врз регионите во јужна и источна Украина.
Податоците објавени од Москва покажаа дека гласачите во завојуваните региони Доњецк, Луганск, Запорожје и Херсон ја поддржаа партијата на Путин - Единствена Русија со повеќе од 70 отсто од гласовите, објавија државните агенции.
Детални информации за гласањето не беа веднаш објавени.
