Париз му ја одзеде специјалната награда на палестинскиот претседател Абас за антисемитски коментари
Париз му го одзеде специјалното признание на палестинскиот претседател Махмуд Абас за неговите неодамнешни антисемитски коментари кои го минимизираа Холокаустот.
Градоначалничката на Париз, Ан Идалго, вчера објави писмо во кое изјави дека изјавите на Абас се во спротивност со универзалните вредности и историската вистина за холокаустот, пренесе АП.
Идалго истакна дека десетици илјади Евреи биле уапсени во Париз окупиран од нацистите и депортирани во логори на смртта.
„Најостро ги осудуваме вашите коментари. Ниту една причина не може да го оправда ревизионизмот и негацијата“, истакна таа.
Во 2015 година, Идалго му го додели на Абас највисокото признание на градот, Големата бронза на Париз, за неговите напори за мир на Блискиот Исток и решението за две држави.
Во говорот пред високи членови на неговото движење Фатах минатиот месец, Абас рече дека Адолф Хитлер не ги убивал европските Евреи поради антисемитизмот, туку поради нивните функции во општеството, како што е позајмувањето пари, пренесува Танјуг.
