Париз ја одбележа годишнината од нападите врз „Шарли ебдо“
Париз ја одбележа со спомен церемонија годишнината од нападите врз весникот „Шарли ебдо“ и еврејскиот супермаркет, со кои започна бранот напади во Франција. Денешната церемонија треба да потсети за духот на историскиот митинг точно пред една година, кој собра 4 милиони Французи во заштита на нивните вредности.
Плоштадот на Републиката во Париз почна да се полни со луѓе уште од утрото. Централното место е определено за роднините на загинатите во нападите пред една година, заедно со нив се и преживеаните од терористичкиот напад во салата „Батаклан“ во ноември.
Претседателот Франсоа Оланд и градоначалникот на Париз, Ан Идалго ќе откријат спомен плоча за жртвите на сите напади пред „дрвото на сеќавањето“ - специјално засаден 10-метарски даб - еден од симболите на републиката.
Покрај Марселезата ќе се огласи и песната „Една недела во јануари“, со која францускиот пејач Џони Холидеј го овековечи историскиот митинг на Французите пред една година, на кој и голем број светски лидери кренаа глас против тероризмот.
Според анкетата на „БВА“ една година по нападите мнозинството од Французите (околу 75%) се уште приврзани кон слоганот „Јас сум Шарли“.
Церемонијата ќе помине со вообичаените веќе строги мерки за безбедност во континуираното вонредна состојба.
Во меѓувреме беше познато дека напаѓачот на полициска станица во Париз во четвртокот, точно на годишнината на нападот врз „Шарли ебдо“, кој беше убиен од полицијата, престојувал во центар за бегалци во Германија.
