Папата Франциско против неконтролираниот капитализам
Неконтролираниот капитализам е спротивен на Бог и потребна е поголема државна интервенција и етички финансиски реформи за да се обезбеди поправедна распределба на благосостојбата меѓу богатите и сиромашните. Ова денеска го изјави папата Франциско кој во говорот пред странските амбасадори во Ватикан изрази жалење поради тоа што, како што рече се поголем број мажи и жени и понатаму живеат во ситуација на несигурност додека приходите на малцинството забележуваат раст, а тие на мнозинството пад.
„ Таквиот дисбаланс е резултат на идеологијата, која поддржува апсолутна автономија на пазарите и финансиски шпекулации и го негираат правото на државите за контрола, кои всушност се одговорни да обезбедат благосостојба“, посочи папата.
Истовремено ја осуди и широко распространетата корупција и избегнувањето за плаќање даноци.
„Зад таквиот начин на мислење се крие отфрлање на моралните принципи“, посочи папата.
