Папата Францис: Не се обидувајте да ги менувате христијаните
Бракот е „најубавата Божја креација“ и луѓето кои се во искушение да изневеруват, треба веднаш да побараат помош, изјави денеска папата Францис, испраќајќи силна порака против разводот, пренесе ДПА.
Тој ова го изјави на средба со католици во Грузија, каде е во посета, одговарајќи на нивни прашања.
Мораме да сториме сé за да го спасиме бракот, рече Францис и истакна дека постојат три 2волшебни зборови“ - извини, ти благодарам и жалам - кои можат да помогнат при брачните кавги, како и дека паровите може да се расправаат, но не треба да легнуваат заедно, без да се помират.
Светиот отец изјави на средбата дека католиците никогаш не треба да се обидуваат да ги претопат во својата вера православните христијани. Прозелитизмот е голем грев, рече папата.
За време на посетата на Грузија, Францис почувствува навредлив однос кон себе од страна на Грузиската Православна Црква, забележуваат агенциите.
- Не смееме да ги убедуваме православните да го прифатат католицизмот, тие се наши браќа и сестри, следбеници на Исус Христос, рече папата.
Овие зборови беа изречени часови откако лидерите на Грузиската Православна Црква не дојдоа на мисата, која ја отслужи Светиот отец.
- Екуменизмот значи да бидеме пријатели, да чекориме заедно, молејќи се еден за друг и да работиме за доброто на другиот, кога е можно. Никогаш не треба да осудуваме или да престануваме да зборуваме со братот или сестрата поради тоа што тие се православни, рече папата.
Напорите на папата да ги подобри односите меѓу Ватикан и Грузиската Православна Црква претрпеа до одреден степен јавен неуспех, откако Патријаршијата одлучи да не испраќа своја официјална делегација на мисата, која ја отслужи папата, и повторно изјави дека православните верници не можат да учествуваат во католички богослужби, забележуваат агенциите.
За време на подготовката на посетата на Папата, портпаролот на Ватикан изјави дека Грузиската Патријаршија ќе испрати свои претставници на богослужбата на стадионот во Тбилиси како „знак за разбирање меѓу двете Цркви“. Оваа изјава даде причина да се верува дека оладените односи, кои фрлија сенка врз посетата во 1999 година во Грузија на папата Јован Павле Втори, веќе малку се загреани.
Портпаролот на Грузиската патријаршија сепак денеска изјави дека отсуството на грузиските духовници била „консензуална“.
