„Панама пејпрс“ ја тресе Германија
Претреси имало денеска во германски банки поврзани со истрагата за „Панама пејпрс“.
Банките и становите во кои е извршена рација се лоцирани во неколку градови во западниот дел на Германија. Претресени се 11 финансиски канцеларии во Бон, Келн, Дизелдорф, Франкфурт и други градови, изјавија обвинителите.
Неколку лица и банки се осомничени дека преку една офшор-компанија на британските Девствени Острови криеле пари од германските даночни органи.
„Истрагата е насочена кон неколку поголеми германски банки за кои постои сомневање дека на своите богати клиенти им помагале во затајувањето данок“, соопшти државното обвинителство во Франкфурт.
Обвинителството дошло до сознанија за даночно затајување во ноември лани по претрес во Дојче банк по обелоденувањето на „Панама пејпрс“ и „Офшор-ликс“, документи што Меѓународниот конзорциум на истражувачки новинари ги објави во 2013 година.
