Палестинците месечно ќе добиваат 100 милиони долари помош
Арапските министри за надворешни работи соопштија по состанокот во Доха дека веднаш треба да се примени резолуцијата од арапскиот самит во Багдад за основање фонд од 100 милиони долари месечно.
Во соопштението не е прецизирано како ќе бидат уплатени парите, ниту кој ќе ги даде. Израел и САД се против унапредување на статусот на Палестинците на ниво на набљудувач во Генералното собрание на ОН. Израел реагираше на унапредувањето на статусот со најавување изградба на 3.000 нови домови за евреите на Западниот Брег.
Светска банка и ММФ соопштија во септември дека кризата на палестинската економија ќе се влоши доколку не се зголемат средствата од странство, а Израел да ги намали ограничувањата кои го отежнуваат развојот на палестинската територија.
Палестинските власти минатата недела соопштија дека секој месец се потребни по 240 милиони долари за функционирање на палестинските институции.