Палестинците го тужат Израел во Хаг за воени злосторства
Палестинските власти денеска пред Меѓународниот кривичен суд во Хаг поднесоа тужба против Израел за воените злосторства извршени во Газа.
Палестинскиот министер за правда Салем ал-Сака и јавниот обвинител во Газа Исмаил Џабр, преку адвокати во Париз, покренале законска процедура против Израел заради 18-дневните напади врз Газа во кои загинаа над 800 Палестинци, меѓу кои стотици цивили.
Од израелска страна загинаа 37 луѓе, од кои 35 се војници, а само 2 цивили.
Палестинските официјални претставници го обвинуваат Израел за воени злосторства кои, според нивните наводи, опфаќаат „злосторство на апартхејд“, „напади врз цивили“, „злосторство на колонизација“ и „преголема загуба на човечки животи“.
Портпаролот на израелското Министерство за надворешни работи Пол Хиршон денеска не бил запознаен со потегот на Палестинците, но ги отфрлил наводите дека израелските сили го прекршиле меѓународното право.
„Тужбата е нешто ново, што ќе мора да го проучиме“, рекол тој и додал: „Израелската војска постапува 100% во согласност со меѓународното хуманитарно право“.
Доколку тужбата биде усвоена, Палестинците ќе добијат прва вистинска шанса да поведат постапка за воени злосторства против Израел. Меѓутоа, правните експерти сметаат дека шансите Меѓународниот кривичен суд да ја прифати палестинската тужба се мали.
Имено процедурата на овој суд е таква што тој мора најпрвин да одреди дали неговата јурисдикција воопшто ги опфаќа палестинските власти, бидејќи оваа територија не е членка, туку само набљудувач во Обединетите нации.
Слично
