ПАДНА И ПРВАТА ОСТАВКА: Исландскиот премиер се повлекува поради Панама аферата
Ден по откритието на „Panama Papers“ (панамските документи) премиерот на Исланд Сигмундур Давид Гунлаугсон поднесе оставка.
Тој беше разобличен како еден од носителите на оф-шор компанија. До неговата оставка дојде по масовни протести кои ја зафатија цела Исланд.
„Премиерот изјави пред парламентарната група дека ќе поднесе оставка како премиер. Јас ќе ја преземам функцијата“, рече министерот за земјоделство Сигурдур Инги Јохансон.
Претходно Гунлаугсон најави дека ќе го распушти парламентот и ќе свика нови избори, во случај да ја изгуби поддршката на коалициската Партија на независноста.
Претседателот Олафур Гримсон ја прекина посетата на САД, а подоцна денес се очекува да се врати во Рејкјавик. Во емитуваното интервју на телевизијата тој вели дека сака да одржи консултации со помалиот коалициски партнер на Владата, пред да донесе одлука за распуштање на парламентот.
Во Исланд само за ден наиде огромно незадоволство против Гунлаугсон откако објавените „Panama Papers“ од Меѓународниот конзорциум на истражните новинари покажаа дека премиерот и неговата сопруга држеле милиони долари во офшор компанија на Девствените Острови.
„Му кажав на лидерот на Партијата на независноста, дека ако пратениците на партијата сметаат дека не можат да ја поддржуваат владата во спроведувањето на заедничките задачи, ќе го распуштиме парламентот и ќе свикаме парламентарни избори“, гласи позиција на Гунлаугсон на социјалната мрежа Фејсбук.
Вчера премиерот изјави дека тој и неговата сопруга на никаков начин не вршеле финансиски малверзации и затајување данок преку оф-шор компанија „Винтри“ (Wintris). Оф-шор компанијата е основана во 2007 година од Гунлаугсон заедно со неговата идна сопруга.
На крајот на 2009 година тој ги пренесува своите удели кон симболична сума од 1 долар. Кога станува пратеник за прв пат во април 2009 година тој не споменува за оваа сметка во својата комерцијална декларација, иако законот го обврзува.
Како знак на протест против откритијата илјади Исланѓани излегоа на демонстрации во Рејкјавик синоќа, за да побараат оставка од премиерот Гунлаугсон.
Според полицијата протестот собра повеќе луѓе дури од демонстрациите во 2009 година по откритието дека политичката елита допуштила тешки пропусти во контролата на банките. Тогаш протестите доведоа до оставка на Владата.
