ПАДНА ДОГОВОР:Позната е судбината на возилата што работат на фосилни горива
Германската влада постигна договор со Европската комисија во спорот околу забраната за производство на нови автомобили со мотори со внатрешно согорување, соопштија денеска претставници од двете страни.
– Постигнавме договор со Германија во врска со идната употреба на е-гориво во автомобилите – напиша на Твитер потпретседателот на Европската комисија Франс Тимерманс.
- Сега ќе соработуваме за што побрзо усвојување на стандардите за јаглерод диоксид за регулација на автомобилите, а Комисијата потоа брзо ќе ги преземе потребните правни чекори - додаде тој.
Спорот меѓу Берлин и Брисел околу договореното отфрлање на ваквите автомобили се фокусираше на тоа дали производителите и по 2035 година ќе можат да произведуваат возила што ќе користат т.н. е-горива.
Германскиот министер за транспорт Фолкер Визинг, кој се заложи за промена, напиша дека „возилата со мотори со внатрешно согорување сè уште може да се пререгистрираат по 2035 година доколку се полнат исклучиво со горива со неутрален CO2“.
