Економија, финансии, бизнис

Контакт

Постигнат договор со Иран за нуклеарна програма, санкциите се ублажуваат

Постигнат договор со Иран за нуклеарна програма, санкциите се ублажуваат
Aмериканскиот претседател Барак Обама синоќа објави дека има постигнато договор во преговорите со Иран,со кој се отстранува загриженоста дека Иранците развиваат нуклеарно оружје. Во тешките преговори меѓу Иран, САД, Британија, Франција, Германија, Русија, Кина и претстаничката на Европската Унија Кетрин Ештон, е договорено следните шест месеци да бидат олабавени санкциите за извоз на иранска нафта, што силно удрија по иранската економија. „Санкциите имаа значителен ефект врз Иран, и отворија простор за дипломатијата. За првпат по една деценија го запревме напредокот на иранската нуклеарна програма, а клучни делови од оваа програма ќе бидат отстранети. Иран се обврза да запре одредено ниво на збогатување на ураниум и да неутрализира дел од своите резерви. Иран ќе ја запре работата на својот плутониумски реактор, а нови инспекции ќе добијат широк пристап до иранските нуклеарни постројки, со цел меѓународната заедница да може да потврди дека Иран ги исполнува своите обврски , изјави Обама, кој посочи дека има скромни ублажувања на санкциите, додека најстрогите санкции сепак остануваат на сила. „Спогодбата со светските сили ја признава иранската нуклеарна програма и иранското право на збогатување ураниум, а како заклучок од сето ова, на крајот сите санкции врз Иран ќе бидат укинати“, појасни и министерот за надворешни работи на Иран Мохамад Џавад Зариф за кого спогодбата е шанса за Западот да ја поврати својата доверба кон Иранците. Иран ќе има пристап до 4,2 милијарди долари како дел од спогодбата за ограничување на иранските нуклеарни програми, покрај олеснувањето на санкциите, соопшти западен дипломат, а пренесоа британските медиуми. „Правото на нуклеарна технологија е едно неоспорно право. Борбата што ние ја водевме веќе неколку години имаше за цел меѓународната заедница да признае дека Иран има право да го користи ова право. Ние мислиме дека спогодбата и акцискиот план со него означуваат дека иранската нуклеарна програма ќе продолжи“, заклучи Зариф кој сепак посочува дека активностите за збогатување ураниум во објектите Натанц и Фордо ќе продолжат. Според него , резервите од збогатен ураниум до пет проценти ќе бидат зачувани, а оние од ураниумот збогатен до 20 проценти ќе бидат претворени во гориво за реакторот во Техеран согласно иранските планови.
Слично

Поврзани вести