Падна договор, штрајковите прекинуваат: Луфтханза ги зголемува платите
Германскиот синдикат „Verdi“ се договори со „Lufthansa“ за зголемување на платите на вработените, јави Ројтерс. Со договорот, преговорите што се водат веќе неколку месеци се затвораат, а се става крај и на големите штрајкови.
Платите на вработените на „Lufthansa Systems“, „Lufthansa Cargo“ и „Lufthansa Technik“ ќе бидат зголемени за 4,7 отсто, додека персоналот на „Lufthansa AG“ ќе добие зголемување од 3 проценти. Нема да има исто така и принудни отпуштања на вработени.
Зголемувањето на платите на вработените во „Lufthansa Cargo“ и „Lufthansa Technik“ ќе се спроведе во две фази - со 2,4% од август оваа година и уште 2,3% од август следната година. Платите на службениците на „Lufthansa AG“ пак ќе бидат зголемени за 1,5 отсто во истиот период. Се предвидува и раст на платите на приправниците за 5,2 отсто.
Сега договорот треба да биде одобрен и од страна на членовите на синдикатот, до 14 мај. Компанијата потврди дека е постигнат договор со синдикатот. Пред две недели „Lufthansa“ понуди да ги зголеми платите за 1,2% во октомври и за уште 0,5% една година подоцна, но без да даде гаранција за работните места.
Во моментов раководството се обидува да протурка план за намалување на трошоците, во кој се предвидува до 2015 година да бидат отпуштени 3 500 луѓе на глобално ниво , а годишната оперативна добивка да се зголеми на 2,3 милијарди евра.
Слично
